Елмас: Сакам Скудето со Наполи, а сонувам пензија во Фенербахче!

Македонскиот репрезентативец Ељиф Елмас и неговиот Наполи играат одлична сезона. Тимот е лидер во Серија А, како лидер обезбеди место понатаму и во Лигата на шампионите, а тоа носи верба кај „дијамантот“ дека може да се дојде до трофеј.

Во интервју за турските медиуми, Елмас кажа дека верува во големи успеси со калчолигашот на сите фронтови.

„Би било фантастично ако го освоиме Скудетото со Наполи. Играме одлично, во Италија имаме 13 победи на 15 натпревари, одлични сме и во Лигата на шампионите и мора да гледаме напред. Имаме високи цели. Во овој клуб сум четири години и никогаш не сум чувствувал дека сме толку близу до трофеј. Сакаме и можеме да ја освоиме титулата во Серија А“, изјави Елмас.

Фудбалерот од средниот ред кажа и нешто за идните цели, исто потенцира и дека е многу поврзан со Фенербахче и дека во овој клуб сонува да се пензионира еден ден.

„Имам големи цели: Сакам да играм на Светското првенство и на Европското првенство со Македонија. Со Турција имам врска која е привремено прекината. Многу сум приврзан со Фенербахче и со навивачите, на кои сакам да им порачам дека мора да му веруваат на раководството. Се надевам дека Фенербахче ќе ја освои титулата оваа година. Во Наполи мене ми е добро, но сонувам еден ден тука да ја завршам кариерата“, заврши нашиот репрезентативец.

Турскиот клуб беше првиот во кој Елмас играше во странство. Преку Работнички, „дијамантот“ замина во Фенербахче, а од таму успеа да се лансира во една од најквалитетните лиги во светот и да го облече дресот на Наполи.