Елмас: Не сум бил само голман, ама нема да го лутам Оспина... и сакам скудето!

Македонскиот репрезентативец Ељиф Елмас игра во одлична форма за Наполи и ја потврди важната победа над Аталанта (1-3) во Серија А која тимот го вивна во битката за титула. Во интервју за „Кис Кис“, плејмејкерот говореше за натпреварот и за целите понатаму.

Елмас постигна одличен гол откако претрча цел терен. Репрезентативецот кажа дека е среќен за голот, но сега гледа напред кон следните предизвици.

„Заминавме во Бергамо да победиме и одигравме одличен меч. Беше многу комплициран. Среќни сме што победивме, но сега гледам понатаму. Мојот гол беше од контранапад, среќен сум што му помогнав на тимот“, изјави Елмас.

Потоа тој коментираше за скудетото и шансите на Наполи.

„Отсекогаш верувавме во такво нешто, веруваме и сега. Имаме одличен тренер, силен тим, ќе одиме да го направиме најдоброто до крајот на сезоната. Нашите мисли сега се вперени само кон Фиорентина затоа што знаеме колку ќе биде тешко да се игра против неа. Дури и кога не играме добро, потребно ни е да бидеме „лоши“ на теренот. Исто така зборував и со Пандев, ми кажа колку убава и страсна е оваа сина средина“, додаде македонскиот фудбалер.

Играчот кажа нешто и за тренерот Спалети, како и честата ротација на неговите позиции на теренот.

„Спалети ме сака, а и јас го сакам него. Тој направи многу промени за Наполи. Околу позицијата, сум играл секаде, не сум бил само голман, ама нема да му кажам на Оспина затоа што ќе го налутам (се смее). Инаку, преферирам да сум офанзивен играч во средниот ред, но се адаптирам секаде. Важно е да играте редовно“, смета Елмас.

Наполи се наоѓа на второто место во Серија А, со еден бод помалку во однос на лидерот Милан. До крајот на Серија А има уште седум кола.