ВИДЕО: Елмас, Адеми, Ристовски и Илиев ќе ја бранат честа на Македонија во ЛЕ!

Дејан Илиев, Ељиф Елмас, Аријан Адеми и Стефан Ристовски ќе ја бранат честа на Македонија во елиминационата фаза на најмасовното натпреварување на УЕФА, Лига на Европа.

За разлика од нив место во втората фаза на ова натпреварување не успеаја да обезбедат Бобан Николов со својот Видеотон, како и двоецот од редовите на АЕК Ларнака, Мојсов и Тричковски. 

Младиот голман на Арсенал, Илиев вечерва остана на клупата за резерви на мечот против Карабаг, кој „топџиите“ го добија со минимални 1-0 и ја потврдија доминацијата во групата Е и пласманот во следната фаза.

Во рамки од истата група, Спортинг Лисабон одигра фантастичен натпревар против Ворскла и победи со 3-0, а нашиот репрезентативец Стефан Ристовски по пауза од месец и половина поради повреда се врати во првиот состав на португалскиот тим и го одигра целиот натпревар. 

Поради парни жолти картони Аријан Адеми не се најде во составот на Динамо Загреб на вечерашниот натпревар против Андерлехт, но и покрај тоа хрватскиот шампион не дозволи изненадување пред својата публика и одигра 0-0, со што ја потврди лидерската позиција на табелата во групата Д. Идентична суспензија како Адеми имаше и младиот Елмас, а неговиот Фенербахче со минимален пораз од Трнава од 1-0 ја заврши групата фаза, но сепак ќе го продолжи својот поход кој пехарот во Лига Европа. 

Тричковски и Мојсов со АЕК Ларнака уште од претходното коло останаа без шанси за понатамошен пласман, а вечерва остана без сили против големиот фаворит Баер Леверкузен, кој среде Кипар славеше со убедливи 1-5. Тричковски ги одигра последните 30 минути, додека Мојсов поради повреда остана без настап. Во оваа група А, покрај Баер Леверкузен, европска пролет обезбеди и швајцарски Цирих.