• Зоран Мишевски

Нусаир Мазрауи и Ашраф Хакими, двајцата повредени во средата на првиот натпревар на Мароко на Светското првенство против Хрватска (0-0), уште не знаат дали ќе можат да го одиграат натпреварот против Белгија в недела, објави докторот на мароканската репрезентација.
Мазрауи се повреди во 51. минута кога падна на земја, обидувајќи се да ја фати топката по ударот на хрватскиот голман Доминик Ливаковиќ. Тој лежеше на земја една минута пред да биде заменет со напаѓачот Абдеразак Хамедала.
„Мазрауи ја повреди левата нога. Го прегледавме, но засега не може да се каже дали ќе може да игра на следниот натпревар“, изјави докторот Абдеразак Ел Хифти и додаде дека за в недела се закажани нови лекарски прегледи.
Хакими беше полесно повреден против Хрватска, на почетокот на мечот почувствува болка во ногата, но ја продолжи играта.
„Ќе бидеме внимателни и ќе направиме повеќе тестови за да одлучиме дали е способен да игра“, додаде докторот.
Мароко, кој игра во групата Ф, ремизираше со светскиот вицешампион во средата и има натпревари против Белгија во недела и против Канада на први декември.
Мароканците се надеваат дека во Катар барем ќе го израмнат резултатот од 1986 година, кога репрезентацијата стана првата африканска селекција во историјата што се пласирала во осминафиналето на Светското првенство.