Драговиќ: Ја знаеме слабата страна на Македонија, нема да се фокусираме само на Пандев

Австрија знае како да победува против Македонија, а тоа го докажа на двете соочувања во квалификациите за Европското првенство. Тоа им дава самодоверба на избраниците на Франко Фода дека ќе можат да се справат со нашиот национален тим и на турнирот овој јуни.

Александар Драговиќ, австрискиот дефанзивец, вели дека неговата екипа ја знае најголемата слабост на македонската репрезентација.

„Пандев е напаѓач од светска класа. Можеби нема брзина, но има неверојатно чувство за гол. Секогаш е опасен пред голот на противниците. Но, ние нема да се фокусираме само на еден играч. Македонија има многу квалитетни фудбалери.

Ја знаеме нивната слабост и ќе се обидеме да ја искористиме. Тие градат напаѓачки акции со тројца фудбалери во средина, а тоа остава празнина пред одбраната. Наша задача ќе биде да правиме брзи контри, штом ќе ја освоиме топката“, вели Драговиќ.

Македонија ќе дебитира на Европското првенство против австриската селекција, на 13 јуни со почеток од 18:00 часот.