Динамо Загреб го пријави Стефан Ристовски за Лигата на Европа

Ристовски

Стефан Ристовски во последниот ден од преодниот рок успеа да пронајде нова средина и својата кариера ќе ја продолжи во Динамо Загреб. Откако беше префрлен во вториот тим на Спортинг, јасно беше дека нашиот репрезентативец ќе го промени клубот, а по преговорите со неколку клубови, на крај се реши да се врати во Хрватска. 

Неговиот нов клуб покрај домашните обврски, во вториот дел од сезоната ќе се натпреварува и на меѓународна сцена, а Ристовски се најде во списокот на регистрирани играчи за настапите во Лигата на Европа. 

Противник на „модрите“ во првото елиминационо коло во Лигата на Европа е тимот на Краснодар, тим кој во есенскиот дел од сезоната се натпреваруваше во Лигата на шампионите во група со Челзи, Севиља и Рен. 

Ристовски веќе му се стави на располагање на тренерот Мамиќ и своето деби за новиот тим се очекува да го има в недела на дуелот против Истра.