Динамо купува Хрват од Аталанта, игра на позицијата на Ристовски

Екипата на Динамо Загреб ќе биде посилна за млад дефанзивец, кој доаѓа од редовите на италијанска Аталанта. Се работи за Бошко Шутало, фудбалерот кој ја покрива десната дефанзивна страна, а се очекува денес да ги одработи медицинските прегледи и да потпише со „модрите“. 

Аталанта го доведе Хрватот од Осијек во 2020 година за сума од 5.5 милиони евра, а минатата сезона играше како позајмен во Верона. Во потрага по минутажа, Шутало се враќа во родната земја и ќе заигра за шампионот. Динамо ќе го одврзе ќесето, па младиот играч за сума од четири милиони евра се сели на „Максимир“. Тоа го прави втор најскап трансфер во клупската историја, бидејќи пред него е само Марко Рог, за кого клубот плати 4,5 милиони. 

Овој трансфер веројатно нема премногу да му се допадне на Стефан Ристовски. Капитенот на репрезентацијата на Македонија добива сериозна конкуренција на десната бековска позиција, која е примарна на Шутало. Сепак, 21-годишникот може да игра и на десното стоперско место, па Ристовски можеби и нема да го загуби местото во тимот. 

Новиот предводник Чачиќ веројатно ќе го смени системот во формација 3-5-2, па може да се случи Шутало да игра во последната линија, а Ристовски поофанзивно на десната страна.