ВИДЕО: Де Брујне човек на одлука за Белгија, рутина за Германија и Холандија

Белгиската репрезентација продолжи да доминира во групата И во квалификациите за Европското првенство. Шестата победа во низа денес беше запишана на гостувањето во Шкотска (0-4), која беше најавена уште во првиот дел.

Ромелу Лукаку многу рано го отвори резултатот со рутинска завршница по асистенцијата на Кевин де Брујне. До крајот на полувремето, ѕвездата на Манчестер Сити подели уште две асистенции. Најпрво му „сервираше“ на Томас Вермален, а потоа од корнер го пронајде Тоби Алдервирелд за високо водсво по првите 45 минути.

За да ја комплетира перфектната вечер, Де Брујне реализираше во последните моменти од натпреварот за да го постави конечниот резултат.

Во истата група, Кипар очекувано го победи Сан Марино (0-4), а Русија со минималец го доби дуелот со Казахстан во Калининград (1-0).

Трет квалификациски триумф запиша репрезентацијата на Холандија на гости кај Естонија (0-3). Одличната форма на избраниците на Роналд Куман ја потврди Рајан Бабел кој со многу среќа ги најави трите бода уште во првиот дел од мечот, а ги потврди со глава на стартот од продолжението. Точка на вечерта во завршницата ставија Мемфис Депај и Џорџино Вајналдум.

Северна Ирска долго време оддолеваше на нападите на Германците, но на крај не издржа и му дозволи на противникот да си замине дома со цел плен (0-2). Прекрасен гол постигна фудбалерот на РБ Лајпциг, Марсел Халстенберг, а вториот погодок за „панцерите“ беше дело Серж Гнабри.

Групата Е донесе еден натпревар во вечерниот термин, а во истиот Словачка славеше на гости кај унгарија (1-2) и се замеша во трката за пласман во следната фаза. Со трите бода се искачи на втората позиција, со еден бод зад лидерот Хрватска, која претходно киксна кај Азербејџан.