Чурлинов: Покажавме дека можеме против Германија, зошто да не победиме вторпат?

Македонскиот репрезентативец Дарко Чурлинов овој викенд ќе се сретне со Ханза Росток, екипата која му овозможи да замине во странство и да го развива својот талент.

Моментално 21-годишникот е дел од Штутгарт, но настапува како позајмен фудбалер во Шалке 04.

„Тимот одлично ме пречека уште од самиот почеток. Тоа ми олесни да се чувствувам како дома. Исто така, брзо пронајдов стан, и преселбата од Штутгарт во Гелзенкирхен помина без проблеми. Тоа беше важно за мене бидејќи сакав да се фокусирам директно на фудбалот по мојот трансфер тука“, вели Чурлинов.

Потоа нашиот интернационалец кажа за различните позиции кои го промени во текот на својата кратка кариера.

„Јас сум многу разноврсен и среќен сум секој пат кога сум во првите единаесетмина. Ги гледам моите силни страни во дриблингот, во ситуациите „еден на еден“, тоа најчесто се користи во офанзивата. Но, за мене исто така не е проблем да играм во поодбранбена улога. Без разлика каде ме става тренерот, јас секогаш ќе го давам својот максимум за да му помогнам на тимот“.

Запрашан за пријателскиот однос на Шалке 04 и неговата поранешна екипа Вардар, Чурлинов се потсети на пријателскиот натпревар пред осум години.

„Во мај 2013 година, Шалке 04 одигра пријателски натпревар во мојот роден град. Тоа значеше многу за навивачите на Вардар и, колку што знам, и за навивачите на Шалке. Сè уште многу добро се сеќавам на денот, бидејќи ми беше дозволено да влезам на теренот на полувреме“.

Македонскиот фудбалер дебитираше во репрезентативниот дрес на 16 години и стана најмлад дебитант во историјата на нашата држава.

„Тоа многу ми значи. Дури и како мало момче, ми беше сон подоцна да станам национален играч и да ги претставувам боите на мојата татковина. Искуството во репрезентацијата ми помогна многу во мојот спортски развој. Благодарение на меѓународните натпревари, можев да се натпреварувам со најдобрите играчи во Европа на највисоко ниво на млада возраст“.

За шансите на Македонија во остатокот од квалификациите за пласман на Мундијалот во Катар...

„Во секој случај имаме шанси. Во октомври ќе се сретнеме со Лихтенштајн и Германија. Особено дуелот со Германија нема да биде лесен, но имаме домашен натпревар во Скопје. Тоа е нашиот плус. На првиот натпревар покажавме дека е можно да се победи и Германија. Ви треба добар ден за тоа, го имавме тогаш. И зошто да не успееме во тоа по вторпат? Имаме многу квалитет во тимот. Веќе се радувам на средбата. Но, пред да патувам во националниот тим во октомври, би сакал да одиграм два успешни натпревари со Шалке во Росток, а потоа и против Инголштат“.

Пред да пристигне во Гелзеркирхен, Чурлинов играше за Келн, а помина дел во Магдебург.