ВИДЕО: Челзи убедлив на стартот на подготовките, Арсенал пак не победи во Шкотска

Иако без неколку првотимци, европскиот шампион Челзи со убедлива победа ги стартуваше подготовките за новата сезона. „Сините“ во пријателски натпревар со 6-1 го совладаа тимот на Петербороу, а фантастичен настап имаше мароканскиот репрезентативец Хаким Зијеч.

Поранешниот ас на Ајакс трипати ја тресеше мрежата на противникот, додека за Челзи во листата на стрелците се запишаа уште Рубен Лофтус Чик, Пулишиќ и Ходсон Одои. Лондончани, вториот контролен меч го играат за десет дена против тимот на Вулверхемптон.

За разлика од Челзи, неговиот најголем градски ривал Арсенал повторно ги разочара своите фанови. По поразот од Хиберниан, денес „топџиите“ пак не победија, играјќи реми против шкотскиот шампион Глазгов Ренџерс.

Момците на Стивен Џерард одиграа одличен натпревар и беа пред победа на овој дуел, но во самиот финиш Нкетиа погоди за конечни 2-2. Головите за шкотскиот тим ги постигнаа Балогун и Итен, додека првиот гол за Арсенал беше дело на Таварес.