Буњаку: Се срамам од сцените, вака не е вредна ниедна титула!

Омер Буњаку, директорот на Шкупи, ги осуди настаните на натпреварот против Шкендија во кои беа нападнати гостинските фудбалери, а Куп-натпреварот го доживеа својот крај по само десет минути.

По водечкиот гол за Шкендија, навивачи од трибината влегоа на терен и удрија по гостите поради провокација на Дашмир Елези за време на прославата. Буњаку вели дека ваквите настани немаат место на терените.

„Ова не е љубов за клубот, за групата, за градот, за нацијата... Најстрого ги осудувам сите оние кои влегоа на терен и се срамам од тие сцени кои ги видов на нашиот стадион со голема историја, традиција и култура. Им благодарам на сите кои реагираа за ситуацијата да се смири. Ова е само фудбалски меч, не сакам во иднина вакви епилози, титули или Купови, ако некој е повреден“, истакна Буњаку.

Поради нападот на гостинската екипа, Шкендија го доби мечот со службени 3-0, а Шкупи ќе игра надвор од стадионот „Чаир“ подолг период, на 100 километри од дома.