Брдаровски: Лесно можевме и да победиме, брзо се вклопив во одличниот колектив на Шкупи

Првото соочување на најголемите фаворити за титулата во Првата фудбалска лига, Шкендија и Шкупи заврши без голови. Натпреварот под Шара понуди опции за двете екипи, на моменти подобри беа тетовчани, но и чаирчани имаа свои периоди и немаше да биде незаслужено ако се вратеа во главниот град со цел плен.

Своето деби за Шкупи го имаше Владица Брдаровски, кој одигра одличен натпревар, потврдувајќи дека веднаш се вклопи во новиот амбиент.

„Натпреварот беше вистински првенствен, борбен и свои опции имаа двете екипи. Ако бевме малку поумешни во финалната фаза од натпреварот, последните дваесеттина минути, лесно можевме да се радуваме на трите бода. 

Тимот е одличен, веднаш се вклопив и оптимист сум дека ќе имаме успешна и плодна сезона“, рече десниот бек.

Шкупи претрпе само еден пораз во првите шест натпревари, а веќе в недела од 15:00 часот го пречекува тимот Борец на стадионот „Борис Трајковски“ во населбата Маџари.