ФОТО: Блесна северната трибина во Битола, Македонија добива модерен и функционален стадион

Пелистер и Вардар уште еднош покажаа кое е најголемото македонско дерби и колку му недостига на мак-фудбалот. Дуелот пред скоро 3.000 гледачи вчера во Битола донесе спектакл и ниво какво што ретко има и во Првата лига. Битолчани одговорија на најдобар можен начин на отворањето на новата трибина и ја исполнија во сите сектори за кои беа пуштени билети.

Надворешниот изглед на северната трибина на стадионот „Петар Милошевски“ е одушевувачки. Собира 4.500 гледачи и делува супер-модерно. Многу комотни и пространи се и инсталациите во подтрибинскиот простор, но тие не беа во употреба на овој натпревар и дури напролет ќе бидат користени. 

Следи инсталацијата на осветлувањето и рефлекторите, а предвидено е и реновирање на старата јужна трибина, на која во моментов нема столчиња. Исто така напоредно се работи на средување на влезовите и околината, па вториот дел од ВМФЛ ќе го покаже вистинскиот лик на реновираниот битолски стадион.

Битола и Македонија добиваат уште еден стадион на кој ќе може да се играат меѓународни натпревари, а со оглед на пасијата на фудбалски град како Битола, посетеноста и исполнетоста не би требало да биде проблем.