• Сашо Поповски

Една од четирите перфектни репрезентации во квалификациите за Европското првенство, Белгија, ја запиша седмата победа од исто толку натпревари во групата И. Роберто Мартинез ги водеше своите фудбалери до убедлив триумф над Сан Марино (9-0).
Мечот го одбележа јубилејот на Ромелу Лукаку кој стана првиот белгиски фудбалер во историјата со 50 погодоци во националниот дрес. Покрај него, во голеадата учествуваа и Чадли, Броли, Грандони, Бентеке, Варшарен, Кастањ и Тиелеманс.
Во истата група, Русија во вториот дел го скрши отпорот на Шкотска (4-0) и направи голем чекор кон пласман на континенталниот собир.
Хрватска се врати на врвот на групата Е со денешното славје против Унгарија (3-0). Модриќ го отвори резултатот, а потоа со два не толку ефектни гола се надоврза Петковиќ. Уште поубедлив резултат можеше да донесе Перишиќ, но промаши пенал во вториот дел.
Овој кикс на Унгарците го искористи Словачка која со ремито во дуелот со Велс (1-1) повторно се искачи на втората позиција на табелата.
Најголемото изненадување во овој квалификациски циклус е селекцијата на Северна Ирска, не издржа до крај и загуби во Ротердам кај Холандија (3-1). Магенис ја казни лошата одбрана на „лалињата“ и на 15 минути до крајот донесе шокантен резултат, а истиот го анулира Мемфис Депај пет минути подоцна.
Конечно славје за холандската репрезентација изборија Лук де Јонг и Депај, кои во надополнувањето донесоа лидерска позиција на табелата во групата Ц.