• Мартин Танасковски

Второлигашот Беласица се огласи со ново соопштение по повод инцидентот од минатото коло на гостувањето кај Локомотива Пехчево, кога во населбата Сингелиќ на теренот на Фортуна беше пријавен вербален и физички напад на гостинскиот тренер и на екипата.
Како општествено одговорен клуб, ФК Беласица вели дека морално е обврзана да ја запознае јавноста со одредени факти во врска со настаните кои се случија изминативе денови, а за која македонската јавност изрази голема загриженост, земајки ја во предвид безбедноста и општо развојот на фудбалот во Македонија.
- Соопштението на Беласица во целост:
„Беласица одигра натпревар од 20. коло од ВМФЛ, на домашен терен, против екипата на Каменица Саса. Гостите, а пред се тренерите беа пречекани без тупаници, закани и заплашувања, туку беа пречекани со широки насмевки, културно и без инциденти, почнувајќи од нашиот претседател, спортски директор, генерален секретар, па продолжувајќи со стручниот штаб, сите играчи и фудбалери. Ова е за жал однесување кое во одредени локации во Македонија како Сингелиќ не може да се добие!
Целата јавност е запознаена за настаните кои се случија во Сингелиќ во среда на осми март во рамки од 19. коло од ВМФЛ, кога наши двајца тренери беа физички нападнати, а и разни закани за безбедноста и животот им беа упатени на останиот дел од официјалните лица и фудбалери од страна на веќе идентификувано лице од страна на домаќините. Цела македонска и европска јавност беше згрозена од ваквиот вандалски и примитивен однос и истиот го осудија, но единствено Комисијата за натпреварување на ФФМ на чело со претседавачот Игор Франгоски, заменик претседавач Берат Исмаили и членовите Драган Блажовски, Сулејман Ибиши и Гоце Цветановски, делегатот на натпреварот Илија Стоилев од Свети Николе одобруваат насилничко однесување и физички пресметки во македонскиот фудбал.
Истоимената комисија, во петокот донесе одлука натпреварот Локомотива Пехчево Скопје – Беласица да биде регистриран со службен резултат во корист на домаќинот, а во исто време домаќинот од Сингелиќ се испраќа на дисциплинска комисија и теренот се суспендира за одигрување на првенствени натпревари. Зошто штом сите услови за одигрување биле постигнати, ФК Локомотива Скопје и нивниот терен е одведен на дицпилинска комисија за суспензија? Што ова значи за македонскиот фудбал? Преседан од невидени размери!
Веќе секој домаќин на првенствен натпревар може да нападне официјално лице од гостинскиот тим, истиот да заврши во болница и сепак да го добие натпреварот. Епа домаќини, ако сакате три бода, тренирајте си ги фудбалерите и официјалните лица кик-бокс, а не фудбал!
Преважно во сета оваа ситуација е што Комисијата за натпреварувања на ФФМ го прикрива фактот што делегатот на натпреварот Илија Стоилев, според протокол доцнеше 14 минути и поради овој факт самиот се онеспособи да биде присутен на сет овој настан.
Илија Стоилев, во примедби на делегатот напиша дека од страна на домаќините сите услови за отпочнување на натпреварот и одигрување биле исполнети. Фактичката состојба пред започнување на натпреварот беше следна: Благој Гуцев, официјално лице на ФК Беласица и лице влезен во протокол и записник беше одведен со амбуланта во скопска болница. Патем, во неофицијален разговор помеѓу делегатот и офицајални лица на ФК Беласица, на прашање упатено кон делегатот, дали доколку самиот тој беше физички нападнат ќе имаше услови да се одигра натпреварот, Стоилев беше категоричен со НЕ, немаше шанси да се одигра натпреварот!
ЕМ ТЕПАНИ, ЕМ СЛУЖБЕНО ЗАГУБЕН НАТПРЕВАРОТ И ПАРАДОКСОТ ДА БИДЕ УШТЕ ПОСМЕШЕН ТЕРЕНОТ НА ФК ПЕХЧЕВО СКОПЈЕ СЕ СУСПЕНДИРА! Ако се било според правила, прописи и протокол, зошто истите се одведени на дисциплинска комисија е прашањето кое ФК Беласица го адресира до Комисијата за натпреварува на чело со претседавачот Франгоски?
Фер и коректна одлука, според сите правила и прописи е службен резултат за ФК Беласица, но доколку Комисија за натпреварување е под притисок, ФК Беласица ќе ви удоволи и ќе ви докаже дека нема проблем да го преигра натпреварот, согласно оправданата суспензија за игралиштето во Сингелиќ, оддалечен 100 километри, па да ги добиеме тепачите фудбалски!
Секако, комисијата за натпреварувања и ФФМ ни дадоа одговор како да освоиме три бода на натпревар! Не, ние нема да тепаме за три бода како што налага комисијата! ФК Беласица не се сложува, ќе игра фер и ќе се надигрува на фудбалски терен, а не во боксерски ринг“.
Беласица се наоѓа на шестото место во ВМФЛ, со вкупно 30 освоени бода.