Азар опериран во САД: Сезоната завршена, под знак прашалник настапот на ЕП

Најскапото летно засилување на Реал Мадрид (сто милиони евра), Еден Азар неславно ја заврши првата сезона во дресот на шпанскиот гигант.

Иако до крајот на сезоната има уште два ипол месеци, повеќе од јасно е дека поранешниот ас на Челзи, нема повеќе да го видиме во дресот на „кралевите“. Пред две седмици Азар се повреди на натпреварот со Леванте, а по деталните прегледи беше донесена одлука да замине на хируршки зафат, кој беше извршен денес во Далас, САД.

По првичните информации кои ги објави „АС" на Азар му се предвидува пауза од најмалку два ипол месеци, па се поставува прашањето дали ќе биде целосно подготвен за настап за Белгија на претстојното Европско првенство.

29-годишниот офанзивец е алфа и омега во селекцијата на Роберто Мартинез, па сигурно белгискиот селектор будно ќе ја следи ситуацијата на својот најдобар фудбалер и до последно ќе го чека во својот состав.