Азар и Куртоа демантираа: Ни измислија приказна за да ја влошат атмосферата...

Како бомба одекнаа информациите за нереди и немири во соблекувалната на Белгија по катастрофалниот пораз од Мароко на Светското првенство. Полуфиналистот од минатиот планетарен собир почна со победа по неубедлива игра со Канада и загубен натпревар против аутсајдерот, па е во незавидна положба. 

<<< - ПОВРЗАНО - Белгија има голем проблем, жестока расправија меѓу Азар, Де Брујне и Вертонген

Поради овие шпекулации и пишувања, Белгијците свикаа вонредна конференција за медиумите на која се обратија Еден Азар и Тибо Куртоа. Двете ѕвезди ги негираа гласините и најавија дека се размислува само за победа над Хрватска.

„Ништо така големо не се случи по дуелот со Мароко. Имавме добар разговор на кој си кажавме сè. Сега сакаме да ја победиме Хрватска. Имаме два дена да се подготвиме, се договоривме дека мора да играме подобро. Очекувањата беа големи, а ние не покажавме добра игра, ќе се потрудиме да се подобриме. Заедно сите седнавме, играчи и стручен тим, си кажавме сè што имавме и одлучивме ние поискусните да зборуваме на оваа конференција“, кажа Азар. 

Покрај крилото на Реал Мадрид, се обрати и неговиот клупски и репрезентативен соиграч, голманот Тибо Куртоа. 

„Немаме проблеми во екипата. Тие приказни се измислени за да се направи лоша атмосфера, но сега сме уште помотивирани да ја победиме Хрватска в четврток. Бев лут кога загубивме од Мароко, ама за дваесет минути беше како ништо да не се случило. Има премногу лаги, зборуваа приказни кои не се вистинити, дека јас сум кршел во соблекувалната... 

Бевме разочарани, ама не викавме, нема корист од тоа. Вчера разјаснивме сè во приватен разговор“, потврди Куртоа. 

Белгијците за пласман во осминафиналето мора да ја победат Хрватска во последното коло, додека за „коцкестите“ игра улога и реми.