Артета: Не заслуживме ништо друго освен пораз!

Новата сезона во Англија започна со сензација. Брентфорд го совлада Арсенал со 2-0 (1-0), надигрувајќи го во сите елементи на играта. Пристапот, борбеноста и ефективноста беа на страната на помладиот лондонски премиерлигаш.

Менаџерот на Арсенал, Микел Артета изјави дека неговиот тим заслужено загуби во првото коло во Премиер лигата.

„Разочаран сум. Ја започнавме сезоната против добар противник и мислам дека не заслуживме ништо друго освен пораз. Ни недостасуваше присуство во казнениот простор. Сакавме да одиграме подобро во второто полувреме, но ни требаат многу повеќе удари кон противничкиот гол.

Отсуството на Обамејанг и Лаказет? Знаевме за тоа уште пред натпреварот. Не знам дали ќе играат и на следниот натпревар, изјави Артета.

Брентфорд одигра натпреварот во највисокиот ранг на англискиот фудбал за првпат од сезоната 1946/47.