Арсенал и ПСВ Ајндховен добија нов термин за натпреварот од Лига Европа

Одложувањето на натпреварите во Велика Британија заради смртта на Кралицата Елизабета Втора предизвика големи проблеми при составувањето на календарот оваа есен.

Натпреварот од второто коло на Лига Европа меѓу Арсенал и ПСВ Ајндховен, кој беше закажан за 15 септември, ќе се одигра на 20 октомври, објави денес УЕФА. Натпреварот во Лондон беше одложен поради „сериозни ограничувања на полициските ресурси и организациски прашања“ поврзани со смртта на британската кралица.

Европската фудбалска централа (УЕФА) го утврди новиот термин откако претходно Премиер лигата го одложи првенствениот натпревар на Арсенал против Манчестер Сити, кој требаше да се игра на 19 октомври. УЕФА изрази благодарност до Премиер лигата и клубовите за соработката и флексибилноста со цел овој натпревар од Лига Европа да може да се вметне во календарот.