ВИДЕО: Арсенал го заборави Ливерпул и ја продолжи агонијата на Њукасл

Фудбалерите на Арсенал бргу го заборавија убедливиот пораз од Ливерпул и денес на својот „Емирати“ се радуваа на победа против Њукасл Јунајтед (2-0). Иако „фенерџијата“ во Премиер лигата долго се бранеше и се играше без голови, сепак „топџиите“ со два гола за десет минути дојдоа до победата.

Ниту тренерската смена и доаѓањето на Еди Хау не донесе ништо ново меѓу „црно-белите“, кои следната недела против Брајтон ќе ја бркаат првата победа во ерата на саудиските сопственици. 

  • Извештај од натпреварот:

Арсенал тргна добро, уште од стартот притискаше и правеше шанси. Во првиот дел добри можности имаа Сака, Одегард и Смит Роув, а најголемото промашување беше дело на Обамејанг. Габонецот го промаши голот од неколку метри, иако беше небранет. За Њукасл најблизу до гол беше Шелви, кој ја стресе пречката. 

На стартот од вториот дел расположен за игра беше Букајо Сака. Англичанецот прво изнуди одбрана од Дубравка, а потоа и го матираше по асистенција на Тавареш во 56. минута од дуелот. Арсенал не отстапи од офанзивата и покрај голот за водство, па вториот погодок во гостинската мрежа беше дело на Габриел Мартинели, кој во 66. минута ги постави конечните 2-0. 

До крајот немаше резултатски промени, па Арсенал се врати на победите и со новите три бода дојде на петтата позиција на табелата. Од друга страна, Њукасл тоне сè пониско и е последен со шест освоени бода од 13 дуели. 

Состави

Микел Артета

4-4-1-1