Англичаните за Роналдо: Не е истиот како од Јунајтед, промената во однесувањето е видлива

Кристијано Роналдо пред Светското првенство во Катар го напушти Манчестер Јунајтед и замина во Саудиска Арабија, каде го носи дресот на Ал Наср.

Роналдо во 14. коло од шампионатот на Саудиска Арабија официјално го имаше своето деби за новиот клуб, кој со минимални 1-0 го совлада тимот на Ал-Етифак. Стрелец на единствениот гол на натпреварот беше Талиска во 31. минута, но очекувано со големо внимание беше следен настапот на Кристијано Роналдо. Португалскиот ас, иако не постигна гол, беше доста расположен за игра, беше лидер на својот тим и со неколку атрактивни потези ја одушеви домашната публика. 

Англиските медиуми пишуваа за дебито на Роналдо. Посочуваат дека во дресот на Ал Наср често ги бодрел соиграчите по нивна грешка, што е сосема спротивно од она што го правеше во последните месеци на „Олд Трафорд“.

„Неговата промена во однесувањето е видлива. По последниот судиски свиреж тој истрча до соиграчите за заедно да ја прослават победата. Тоа не беше така кога играше во Јунајтед“, пишува „Дејли Мирор“.

Роналдо на неславен начин ја заврши својата втора ера во Манчестер Јунајтед, откако со интервјуто за Пирс Морган ги прекрши основните правила на однесување во англискиот гигант.