Ангеловски: Се игра еден натпревар, 90 минути и сè е отворено на ЕП!

Пласманот на Европското првенство е голем успех на оваа генерација фудбалери на Македонија, која најавува дека не се задоволува само со тоа.

Селекторот Игор Ангеловски е „архитектот“ на овој успешен проект кој резултираше со настап на големо натпреварување. Популарниот Мрме за емисијата „Еурофорија“ на државниот сервис го најави првиот дуел против Австрија.

„Ова е нешто сосема ново за нас. Се игра еден натпревар, 90 минути и сè е отворено. Австрија беше подобра пред две години и победи. Ситуацијата во нашата репрезентација е далеку поразлична кај нас, кога е во прашање квалитетот. Најважно е како ние ќе одиграме, секогаш сакам да се фокусирам на тоа што ние ќе го направиме и колку ќе му дозволиме на противникот да игра. Направени се сите анализи за австриската репрезентација. Се надевам и посакувам ние да бидеме тие кои ќе наметнеме наш стил на игра“, изјави македонскиот селектор.

Дуелите во Скопје и Виена пред две години се минато. Македонскиот национален тим тогаш беше надигран на домашен и гостински терен, па сега ќе игра за да се одмазди и да ги запише првите бодови на Европското првенство.

Македонија и Австрија ќе се сретнат в недела во 18:00 часот. Во групата Ц уште се Холандија и Украина.