Алиоски: Холандија е фаворит во групата, но Македонија секогаш знае да изненади

Езџан Алиоски, единствената премиерлигашка ѕвезда во ростерот на Игор Ангеловски за Европското првенство, верува дека Македонија може да направи сензација на претстојниот собир на најдобрите селекции од стариот континент.

Во изјава за „sn.at“, левиот бек на Лидс Јунајтед вели дека Горан Пандев е легенда на македонскиот фудбал, но во националниот тим има и други играчи кои во претходните сезони се етаблираа во најсилните лиги во Европа.

„Горан Пандев е легенда, но имаме и други важни играчи кои се етаблираа во најсилните лиги во светот. Покрај тоа, ние повеќе од пет години играме заедно во македонскиот дрес, сплотени сме и тоа нè прави посилни“, вели Алиоски.

Тој смета дека Холандија е голем фаворит во нашата група, но Македонија како и секогаш е подготвена да приреди изненадување.

„Мислам дека Холандија дефинитивно е најголемиот фаворит во групата. Но, во фудбалот секогаш има изненадувања и ние сакаме да покажеме дека знаеме да изненадиме. Нашето ново искуство со настапот на Европскотпо првенство не треба да ни претставува сопка. Турнирот е посебен, но ќе се обидеме да му пристапиме како да на секој претходен натпревар“, додаде 29-годишниот Алиоски.

Македонија своето историско деби ќе го има в недела против Австрија, додека до крајот на групната фаза ќе се сретнеме уште со Украина и Холандија.