Агим Ибраими: Адеми е „алфа и омега“ во Динамо, одби тон пари за него!

Аријан Адеми беше „фактор-Х“ за Динамо Загреб и го однесе хрватскиот првак во следната фаза од Лигата на шампионите. Два гола и асистенција беше билансот во двомечот против Шкупи кој се покажа како тежок за големиот фаворит на хартија (2-2 во Загреб, 0-1 во Скопје).

Некогашниот македонски репрезентативец Агим Ибраими е братучед на Аријан Адеми. Во интервју за хрватски „24 сата“ некогашниот играч на Шкендија, Марибор, Каљари говореше за играчот од средниот ред со многу пофалби и откри интересни детали.

„Читам дека се пишува дека Динамо не е во форма, но не знаете колку е тешко да се игра во овој период од годината, посебно ако на хартија имате послаб ривал, затоа што таквите екипи секогаш имаат мотиви против поголемите и секако работите не одат лесно.

Не го велам ова затоа што ми е братучед, ама Адеми е „алфа и омега“ во Динамо. Оној кој секогаш е најдобар. Мотор на екипата за кој само теренот секогаш бил и останал мерило на квалитетите. Затоа и така долго трае. Можеше Адеми многу пати да си оди од Динамо, јас бев запознат со неверојатната понуда која ја доби од Саудиска Арабија, но тој одлучи да остане и да урива рекорди. Тоа е за почит, затоа што којзнае дали некој друг ќе дојде до овие достигнувања кои Адеми ги направи за Динамо“, изјави Агим Ибраими.

Аријан Адеми пристигна во Динамо Загреб во 2010 година и имаше само една позајмица во Локомотива во втората сезона. Неговата легенда е длабока во клубот, а којзнае што ќе беше да не беше несаканата суспезнија поради допинг од УЕФА која му скрати четири години од кариерата. Адеми се врати посилен од било кога и покажа зошто е еден од најголемите во историјата на Динамо и Македонија.