Адеми меѓу најплатените, Динамо годишно троши по 22 милиони евра за плати

Хрватски Динамо Загреб веќе подолго време е стабилен клуб со високи европски амбиции. „Модрите“ со учествата во Лигата на шампионите и Лига Европа потврдуваат дека и на Балканот може да се игра елитен фудбал, а со оглед на ангажираноста на управата ова лето, несомнено е дека загрепскиот клуб и во иднина ќе има што да им каже на најдобрите европски екипи.

Динамо по многу работи е најдобриот балкански клуб, троши најмногу пари за доведување на нови играчи, најдобрите фудбалери добиваат високи плати, но и заработува најмногу од продажба.

Во последните три сезони (не сметајќи го овој преоден рок во кој Динамо донесе тројца капитални играчи, (Дрмиќ, Љубичиќ и Шуталo и веќе потроши шест милиони евра), „сините“ потрошија 26,7 милиони евра за обештетување за нови играчи.  Колку за споредба, Хајдук во тој период потроши околу 3,9 милиони евра, Риека 1,85, а Црвена Звезда околку 10 милиони евра.

Исто така, Динамо одлично ги плаќа своите ѕвезди, а меѓу најплатените фудбалери се најде и македонскиот репрезентативец Аријан Адеми, кој според хрватските медиуми заедно со Оршиќ, Ливаковиќ, Дрмиќ и Бошко Шутало имаат приближна плата од еден милион евра.

Според официјалниот извештај, само минатата година Динамо потрошил 22 милиони евра за плати на играчите, што е далеку над сите балкански екипи.