Адеми и Ристовски добија нов тренер, Динамо го промовира Жељко Копиќ

Во текот на вчерашниот ден, Динамо Загреб ја промовираше замената за Дамир Крзнар на клупата на првиот тим. Нов предводник на „модрите“ е Жељко Копиќ, кој беше одговорен во младинските категории на Динамо. 

По четвртфиналето во Купот на Хрватска, Крзнар си поднесе оставка на позицијата шеф на стручниот штаб. Клубот реагираше бргу и го промовира Копиќ, кој ќе биде преодно решение додека не се најде поквалитетна опција. Сепак, тој ќе добие шанса да се докаже, па доколку дојде до успех можеби ќе остане на позицијата, слично како што беше и со Крзнар. 

Копиќ веќе го презеде тимот и ги поведе македонските репрезентативци Стефан Ристовски и Аријан Адеми. Двајцата имаа сериозни улоги под водство на Крзнар, па се очекува да добијат шанса да играат и под водство на новиот предводник.

Впрочем, Адеми е капитен на екипата и ужива огромна доверба во тимот, а Ристовски досега собра 23 настапи во сите конкуреции и е еден од стандардните првотимци.