Адеми: Горд сум на сè што постигнав со Динамо, нема да застанеме тука

Динамо Загреб зад себе остави фантастична сезона, една од најуспешните во клупската историја. Во Лига Европа го шокира големиот Тотенхем и беше елиминиран во четвртфиналето, додека на домашно тло, по трофејот во Купот, ја одбрани и титулата во шампионатот. 

Несомнено, еден од најдобрите поединци на „модрите“ оваа сезона беше нашиот репрезентативец, Аријан Адеми. Големиот борец на средината на теренот по новиот шампионски трофеј рече дека е горд на сè што освои со Динамо.

„Горд сум на сè што постигнав со Динамо. Ова беше тешка сезона за сите нас, траеше многу долго, но среќни сме што вака заврши. Постигнавме голем успех, но најважно е да не застанеме и да продолжиме да освојуваме трофеи. Наш најголем адут е единствното и карактерот што владее во тимот“, рече Адеми.

Покрај Адеми, титулата на Динамо Загреб ја прослави и Стефан Ристовски, кој тимот го засили во текот на зимскиот преоден рок, а двајцата историскиот момент го овековечија со фотографија со своите семејства.

Адеми и Ристовски немаат многу време за славје, затоа што од следната недела ги започнуваат подготовките за настапот на Македонија на Европското првенство.