Ракометната репрезентација на Македонија остана без шанси за пласман во следната фаза на Европското првенство (ЕП) откако загуби од Црна Гора (24-28) во рамки на второто коло на шампионатот на стариот континент. Нашиот национален тим по поразот од Словенија потклекна во уште еден дуел. Повторно се покажа како кобна играта „падни-стани“ и многуте грешки кога требаше да се реализира. Македонија имаше лош старт, потоа фати приклучок во мечот, а кога требаше да биде најдобра и да направи пресврт - повторно ги загуби конците и контролата на настаните на теренот. Црна Гора ја забележа првата победа во меѓусебните пресметки на Европските првенства, или првата на последните девет меѓусебни натпревари. Исто така ова е втора победа за Црна Гора во историјата на Европските првенства.