Пред пет години Хамилтон беше прв противник, а сега „Хало“ му спаси живот!

Трката за Големата Награда на Италија овој викенд мина во знакот на судирот на главните претенденти за титулата, Луис Хамилтон и Макс Верстапен. 

Холанѓанецот не попушти во битката кога немаше простор, се одби од подлогата и прелета преку болидот на Британецот. Доколку не беше „Хало“ системот, Хамилтон ќе настрадаше, бидејќи штитникот го амортизираше болидот на Верстапен, кој во спротивни ќе завршеше врз главата на возачот на Мерцедес. 

Интересно, во 2016 година токму Хамилтон беше противник на имплементација на овој заштитен дел на болидите. Тогаш јавно зборуваше и кажа дека повеќе би сакал да ризикува, но да вози без штитникот над главата. 

„Се надевам дека ќе имаме опција да бираме дали сакаме „Хало“ да биде дел од болидот. Со сигурност можам да кажам дека јас не го сакам на својот болид. Се надевам нема да се имплементира, бидејќи е голема промена. Ми се допаѓа како сега изгледаат болидите, знам дека е поризично без него, но тоа е убавината на овој спорт. Повеќе би сакал да ризикувам и да возам без заштитниот систем“, изјави Хамилтон во 2016 година. 

Сепак, сега речиси сигурно Британецот го променил мислењето, бидејќи „Хало“ директно влијаеше во спас на неговиот врат и глава. Инаку, системот се користи од 2017 година, давајќи им нов лик на болидите, но и многу поголема заштита за возачите.